Францускиот претседател Емануел Макрон го критикуваше Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) оценувајќи дека тој не носи никакви корисни одлуки во моментот.

– Сите ние сме заеднички одговорни кога некои стануваат заложници во кризите на мултилатерализам, на пример, како Советот за безбедност на ОН – рече Макрон за парискиот магазин „Гран континент“.

Тој ги повика народите во Европа да покажат поголема независност.

– САД ќе ги прифатат Европејците како сојузници само ако самите себеси се сфатиме сериозно и ако сме суверени во својата одбрана – рече Макрон.

По повод изборите во САД, Макрон рече дека промената на администрацијата е шанса да се работи на меѓусебно разбирање и сфаќање дека Европејците работат на градење на својата автономија, како што тоа го прават САД и Кина.

Говорејќи за актуелните проблеми – коронавирусот, борбата против тероризмот и климатските промени, тој рече дека најдобро решение би било доколку се соработува.

– Дури и ако некои луѓе ја откријат вакцината, ако не се дистрибуира на целата планета, тоа значи дека вирусот ќе се врати во некои области. Ние сме заглавени во борбата против тероризмот. Не треба да заборавиме дека повеќе од 80 проценти од жртвите на исламскиот тероризам потекнуваат од муслиманскиот свет, како што видовме неодамна во Мозамбик – рече Макрон.