Францускиот претседател, Емануел Макрон оствари телефонски разговор со иранскиот претседател Хасан Рохани, настојувајќи до средината на јули да го врати дијалогот меѓу Иран и западните партнери, за да се намалат тензиите на Блискиот Исток.

Макрон и Рохани разговараа повеќе од еден час, соопшти Кабинетот на францускиот претседател.

Како што се наведува, Макрон изразил силна загриженост во врска со новото ослабување на договорот од 2015 година, чија што цел е намалување на нуклеарните амбиции на Иран, пренесе „АП“.

Договорено е до 15 јули да се обидат да ги истражат условите за продолжување на дијалогот на сите страни за нуклеарното прашање на Иран.

Рокот кој Иран го даде до европскиот земји потписнички на нуклеарниот договор да понудат нови услови истекува денеска.