Франција негира дека претседателот Емануел Макрон испратил извинување до израелската полиција, демантирајќи ја изјавата од полицијата дека Макрон се извинил што им викал на полицајците на влезот од црквата Света Ана, која е под администрација на француската влада, пренесува „Спутник“.

– Немаше претседателско извинување за израелските безбедносни сили – рекоа неименувани официјални лица од Елисејската палата за „Хаарец“.

Откако пристигна во Ерусалим во средата за да присуствува на комеморацискиот настан за Холокаустот, Макрон предизвика вербален инцидент со израелските полицајци кои го придружуваа на турата низ Стариот град, што очигледно беше дипломатски гаф, констатираат светските агенции.

Официјалните лица разјаснија дека инцидентот во средата, во кој Макрон скокна во одбрана на француските службеници за безбедност и им се развика на израелските полицајци назначени да го штитат, се заснова на добро воспоставени дипломатски правила.

– Света Ана е француска национална надлежност во Ерусалим. Улогата на Франција е во овој град да ги заштитува овие места. Израелските безбедносни сили сакаа да влезат во неа додека безбедноста ја осигуруваше француското обезбедување. Претседателот реагираше на расправијата меѓу израелските и француските безбедносни сили при влегувањето во Света Ана за да му стави крај на тоа и да ги потсети на правилата – објаснија официјалните лица.

Тие додадоа дека инцидентот не бил сериозен. Израелската полиција претходно објави изјава во која се тврди дека Макрон се извинил за инцидентот и се ракувал со безбедносните лица.

Вербалниот дуел на Макрон со израелската полиција стана хит на интернет откако дел од расправијата беше снимен од француски новинар. Во видеото може да се чуе видно вознемирениот Макрон, кој бара неговата израелска придружба да излезе надвор, повикувајќи ги да ги почитуваат правилата за кои рече дека важат со векови.

Сличен инцидент се случил и во 1996 година кога тогашниот француски претседател Жак Ширак побарал од вооружените израелски сили за безбедност да излезат од црквата Света Ана.