Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека е подготвен да го разгледа предлогот на рускиот колега Владимир Путин за воведување мораториум за распоредување проектили со среден и краток дострел во Европската Унија. Во писмото до Путин, испратено на 23 октомври, Макрон порачал дека иницијативата на Путин треба внимателно да се разгледа во билатерален и мултилатерален формат, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Кон крајот на септември, портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков соопшти дека Путин им испратил писмо на шефовите на „главните држави во Европа и Азија“ за проблемот со ракетите од среден и краток дострел. Според германскиот весник, НАТО го потврдил приемот на писмото, но првите луѓе на Алијансата не сметале дека предлогот заслужува да биде разгледан.

Договорот за уништување на овие ракети престана да важи на 2 август. Иницијатори беа САД, кои ја обвинија Русија дека не го почитува договорот, додека, пак, Москва ги отфрли сите обвинувања. Експертите стравуваат дека тоа би можело да предизвика нова трка во вооружувањето.