На централната церемонија во Париз, чиј домаќин беше францускиот претседател Франсоа Макрон, учествуваа претседателите и премиерите на речиси 80 држави од сите пет континенти на светот

Светот ја одбележа стогодишнината од крајот на Првата светска војна, а централната церемонија вчера беше одржана во Париз. На церемонијата, чиј домаќин беше францускиот претседател Франсоа Макрон, учествуваа претседателите и премиерите на речиси 80 држави од сите пет континенти на светот. Во говорот пред присутните државници, Макрон ги повика светските лидери да ја потврдат својата одговорност за мир и на децата да им пренесат „свет за каков сонуваа минатите генерации“, јавуваат светските агенции.
– Нови идеологии манипулираат со религиите, додека, пак, историјата се заканува да го повтори својот трагичен тек – предупреди францускиот лидер на централната свеченост кај Триумфалната порта во Париз.

Според него, во текот на четирите години од Првата светска војна, Европа за малку ќе извршеше самоубиство, а над десет милиони лица беа убиени и ранети. Во својот говор, Макрон исто така го истакна значењето на патриотите, кои се бореа во 1914 година, а вредностите на патриотизмот ја спротивстави на национализмот.

– Франција знае што им должи на своите борци и на борците од целиот свет. Потребно е пред народот да се потврди огромната одговорност, а на децата да им се пренесе свет за каков сонуваа минатите генерации. За нашиот свет, осамнува утрото на новото време, утрото на цивилизација што ги подига човековите способности до најголемите висини – порача Макрон.

Од друга страна, претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, предупреди дека мирот во Европа не треба да се зема здраво за готово.

– Никогаш не треба да го прифатиме мирот во Европа здраво за готово. Денес, сто години од крајот на Првата светска војна, Европската Унија претставува мир и единство. Мирот е скапоцен. Ние за него работиме заедно – додаде Туск во пораката на својот профил на Твитер.

Претседателот Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел завчера открија плоча на помирување во близината на шумата Компиен во Франција, каде што беше потпишано примирјето со кое заврши Првата светска војна.

– По повод 100-годишнината од завршувањето на војната на 11 ноември 1918, Емануел Макрон, претседател на Република Франција, и Ангела Меркел, канцеларка на Сојузна Република Германија, на ова место ја потврдија вредноста на француско-германското помирување во служба на Европа и мирот – пишува на малата плоча, на германски и француски јазик.

Според германските медиуми, ова е првпат германски канцелар да го посети тоа место од Втората светска војна. „Дојче веле“, пак, оценува дека Британците не сакаа да бидат дел од свеченост на која доминира Франција и инсистираа на своја церемонија.

Во Австралија беше одржана свеченост во Националниот воен меморијал во Канбера, додека во Аделаида со авион од воздух се фрлени ливчиња од мак. На Нов Зеланд, во Велингтон, овој ден е одбележан традиционално – со две минути молчење и почесна стрелба, додека во 11 часот по локално време ѕвонеле камбаните во сите цркви. Истовремено, и во Индија се одржаа церемонии за 74.000 војници што беа убиени во борби на другата страна од светот.