Францускиот претседател смета дека ЕУ мора веднаш да реагира бидејќи се соочува со почеток на биполарен свет, поради што Европа мора да биде играч, а не предмет во оваа голема геополитичка игра. Отворањето на некои важни прашања можеби ги разгневи старите партнери на Франција, но истовремено поттикна долго потиснувани расправи, формирање неочекувани нови сојузи, пријатели, но и непријатели, оценува „Блумберг“

Две и пол години по уривањето на францускиот естаблишмент и влегувањето во претседателската палата, Емануел Макрон се обидува да ја зацврсти својата позиција како голем лидер во Европската Унија. Макрон смета дека ЕУ мора веднаш да реагира бидејќи се соочува со почеток на биполарен свет, поради што Европа мора да биде играч, а не предмет во оваа голема геополитичка игра. Отворањето на некои важни прашања можеби ги разгневи старите партнери на Франција, но истовремено поттикна долго потиснувани расправи, формирање неочекувани нови сојузи, пријатели, но и непријатели, оценува магазинот „Блумберг“.

Тимот на Макрон тврди дека ЕУ повеќе не може да си дозволи да работи според своите традиционални навики за изградба на консензус и минимални промени. Предизвиците со кои се соочува блокот – од технолошките промени, до миграцијата, климатските промени и непријателски расположениот свет – се преголеми, за да може неговите лидери да продолжат да се движат со темпото на најбавниот член за секое прашање. Европски дипломат истакнува дека постојат ризици и турбуленции поради обидите на францускиот претседател да ги реши работите, но одржувањето на статус квото би можело да биде погубно за Унијата.

И додека лидерите на НАТО се подготвуваат за претстојниот самит во Лондон, Русија стана вообичаен дел во поголемиот дел од размислувањата на Макрон. Кога државите од ЕУ, кои порано беа под контрола на Русија, гледаат кон исток, тие гледаат растечка сила, која веќе ја дестабилизира Украина и која сака да ги покаже своите мускули. Но како што оценуваат некои од експертите, ако може Москва да се вовлече во европската орбита наместо Кина, тогаш тоа би можело да помогне во воспоставување рамнотежа на евроазискиот суперконтинент.

– Макрон верува дека Русија ќе се замори од улогата на помлад партнер на Кина, а кога ќе го стори тоа, тој сака Европа да биде подготвена – истакнува Мартин Кинсенз, заменик-директор на париската канцеларија на германскиот „Маршалов фонд“.

Па, така, Франција неодамна именуваше специјален пратеник за обнова на односите на ЕУ со Кремљ, во обид да го убеди преостанатиот дел од Унијата дека тоа е добар чекор. Макрон двапати му беше домаќин на рускиот колега Владимир Путин, и месецов ќе разговара во Париз со него, германската канцеларка Ангела Меркел и украинскиот претседател Владимир Зеленски, за да ги сопре актуелните непријателства во источна Украина. И додека Русија можеби е во фокусот на неодамнешните иницијативи на Макрон, срцето на неговиот проект е европската моќ. Со оглед на тоа дека Кина станува сѐ поагресивна кон САД, францускиот претседател бара ЕУ да воведе механизми за управување на сопствената моќ, како кохезивен геополитички играч.

Експерти од неколку членки на ЕУ наведуваат дека нивните влади ја поддржуваат визијата на Макрон повеќе отколку што се подготвени за тоа да проговорат во јавноста. Тие се среќни што Макрон презеде иницијатива и го поздравуваат начинот на кој неговите екстремни ставови го туркаат целиот европски блок напред, па дури и тој на крајот да биде принуден да направи компромиси.

Во седиштата на ЕУ и на НАТО во Брисел, како и во други европски престолнини, многумина функционери го критикуваа дека е арогантен, автократски настроен и дека работи на своја рака, како и тоа дека со соработка може да се постигнат подобри резултати. Па, така, на пример, Франција во февруари се закани дека ќе почне поголема контрола над ЕУ поради контроверзниот гасовод „Северен тек 2“ помеѓу Германија и Русија, со кој германската канцеларка се обидува да ги надомести големите проблеми во Источна Европа. Макрон на крајот попушти, но целата оваа епизода ја покажа сложеноста на односите помеѓу Париз, Берлин, Брисел и Москва, заклучува „Блумберг“.