Францускиот претседател Емануел Макрон ја повика Европа да се обедини во денешниот се посложен свет и пред едностраните активности на САД, за прашања како што се климатските промени и иранскиот нуклеарен договор. 

Макрон ја повика Европа да го заштити глобалниот мултилатерален поредок во име на суверенитетот на континентот, а Германија да биде смела во амбицијата за европско обновување, затоа што ЕУ не може да си дозволи пројава на слабост и поделба пред лицето на надворешните закани и релативизирањето на национализмот на својата територија.

Првиот човек на Франција говореше на церемонијата во германскиот град Ахен, каде што му беше доделена наградата „Карл Велики” за неговата „визија за нова Европа”.

Макрон остро ја критикуваше „склоноста на американскиот претседател Доналд Трамп да решава наместо Европејците“. – Ако прифатиме други големи сили, вклучително и сојузниците и нашите пријатели од најтешките моменти во нашата историја, да се постават во позиција да решаваат наместо нас за дипломатијата или безбедноста, принудувајќи не понекогаш да преземеме големи ризици, значи, дека веќе не сме независни, нагласи тој во говорот на церемонијата.

– Ние избравме да градиме мир и стабилност на Блискиот Исток. Други сили, исто суверени како нас, решија да не го задржиме сопствениот збор. Треба ли да се откажам од сопствениот избор, праша Макрон.

Тој нагласи дека земји од ЕУ не треба да бидат слаб и да се потчинуваат, туку треба да го зајакнат европскиот суверенитет.

– Тоа ќе ни даде можност да ја направиме Европа вистинска сила на геополитички, трговски, климатски, економски и дипломатски план, потенцира Макрон.

Францускиот претседател изјави дека Европа треба да биде поамбициозна во однос на финансите, да ги брани своите интереси и да помогне за постигнување на економска и даночна конвергенција меѓу државите членки на ЕУ.

Макрон ја повика германската канцеларката Ангела Меркел, која присуствуваше на церемонијата, Германија да го надмине својот „фетишизам” во однос на буџетските и трговски вишоци, во име на неопходните реформи во Европа.

Шефот на француската држава, кој инсистира еврозоната да има сопствен буџет и покрај резервите на Берлин, во врска со ова прашање,  ја повика Германија да работи заедно со Франција за поголемо европско единство и да ги поддржи неговите реформски предлози.

– Новата Европа треба да се гради на солидарност и зближување. Верувам во една силна, поинтегрирана еврозона, со свој сопствен буџет, кој дава можност за инвестиции и зближување, рече Макрон.

Говорејќи на свеченоста, Меркел од своја страна изјави дека Европа повеќе не може да смета на безусловната заштита од САД и треба да ја земе судината во свои раце.

– Тоа е нашиот предизвик за иднината, додаде таа.

Наградата „Карл Велики” за ангажираност кон Европа се врачува секоја година од 1950 година. Пред Макрон, носители на ова одликување меѓу другите беа и Меркел и папата Франциско.