Бразилското Министерство за одбрана синоќа соопшти дека пожарите во Амазонија, кои траат 17 дена, сѐ уште не се ставени под контрола. Во меѓувреме се огласи и Кабинетот на претседателот Жаир Болсонаро, од каде објавија дека тој најверојкатно ќе го посети регионот Амазонија кон крајот на неделава.

Како што е наведено, Чиле и Еквадор понудија помош во авиони за гасење на пожарот. Вчера, лидерите на Групата Седум се согласија за помош од 20 милиони долари поради пожарите во Амазонија, а фондацијата на актерот Леонардо Дикаприо најави донација од 5 милиони.

Бразилската сојузна агенција соопшти дека ќе ги истражи наводите дека фармери во бразилската држава Пара на 10 август, кога избувнаа пожарите, повикале на „Ден на пожарите“.

Претседателот Болсонаро ја одби помошта од Г7, со образложение дека со ваквите постапки развиените земји го третираат регионот како колонија.

– Не можеме да дозволиме сè да уништите – е пораката која францускиот претседател Емануел Макрон ја упати до неговиот бразилски колега во врска со пожарите кои беснеат во Амазонија.

Макрон рече дека регионот, иако во голем дел е бразилски, исто така е и светски проблем бидејќи во опсност се доведени белите дробови на планетата.

– Ние го почитуваме вашиот суверенитет. Тоа е ваша земја. Но, амазонската прашума е прашање кое го засега целиот свет. Можеме да ви помогнеме со пошумување. Можеме да најдеме средства за вашиот економски развој кои се во склад со природната рамнотежа, но не можеме да дозволиме да уништите сè – му порача Макрон на бразилскиот претседател.

Говорејќи на француска телевизија по самитот Г7, Макрон призна дека поради увозот на соја од Бразил и Европа носи дел од вината за земјоделскиот притисок врз прашумата.

Бразилскиот претседател, Жаир Болсонаро, претходно ја отфрли помошта од лидерите на Г7 во износ од 20 милиони долари наменета за борба против пожарите во Амазонија, нарекувајќи ја ваквата постапка колонијалистички акт.