Францускиот претседател Емануел Макрон за време на викендот го смени амбасадорот во Унгарија, Ерик Фурниe, откако беше објавен доверлив меморандум, во кој амбасадорот ја фали мигрантската политика на унгарскиот премиер Виктор Орбан.

За нов француски амбасадор во Будимпешта именуван е Паскал Андреани.

Во доверливиот меморандум, со датум од 18 јуни и адресиран до кабинетот на Макрон, Фурние наведува дека Унгарија претставува „модел“ за решавање на прашањето со мигрантите, како и дека обвинувањата за популизам против Орбан се „медиумски измислици“.

Поранешниот амбасадор напиша и дека француските медиуми, обвинувајќи ја Унгарија за антисемитизам, се обидуваат да го сврти вниманието од „правиот антисемитизам, кој доаѓа од муслиманите во Франција и во Германија“.

Макрон наведе дека нема исти ставови со амбасадорот Фурние и оти доверливиот документ не ја претставува официјалната политика на Франција.

– Ако амбасадорот ова го кажеше јавно, тој веднаш ќе добиеше отказ, истакна Макрон на прес конференција во петокот во Брисел.