Емануел Макрон го изгуби своето мнозинство во Националното собрание на Франција откако група „дезертери“ од неговата партија ЛЕРМ преминаа во новата левичарска групација, што е уште еден показател за неговото нестабилно раководство.

Седум пратеници најавија заминување од партијата ЛЕРМ на Макрон, велејќи дека тие ќе се приклучат на новоформираната група „Екологија, демократија, солидарност“ (ЕДС) што сега ја сочинуваат 17 пратеници кои бараат полевичарски политики.

– Јас сум левичар. За да останам таков, мора да го напуштам ЛЕРМ – изјави пратеникот Аурелиен Таш за „Журнал ду диманш“.

ЛРЕМ останува само со 288 пратеници, па Макрон е еден пратеник помалку од 289-те потребни за апсолутно мнозинство во Долниот дом на парламентот. Владата на Макрон најверојатно ќе може да се потпре на поддршката на центристичката МоЕдем, но загубата на мнозинството на Макрон ќе значи поголема моќ во однос на политиките за оваа партија.

Заминувањето на пратениците е уште еден удар за Макрон кој се обидува да ја врати во колосек неговата запрена политичка агенда по неколкуте протести против неговите пензиски реформи, дестабилизирачките штрајкови во транспортот и повеќе од една година антивладини демонстрации на „жолтите елеци“.

Како и многу светски лидери, пандемијата на Ковид-19 му овозможи на Макрон ненадејно зголемување на популарноста во март кога изби кризата и владите беа принудени да дејствуваат брзо. Стапката на одобрување на Макрон се искачи на 46-51 отсто во текот на месецот.

Задоволството на францускиот лидер беше краткотрајно бидејќи неговиот рејтинг падна за осум поени на 43 отсто во април бидејќи многумина сега не се задоволни од неговото справување со здравствената криза во која досега починаа повеќе од 28.000 луѓе во Франција.

Новата група ЕДС соопшти дека нема да застане на страната ниту на мнозинството, ниту на опозицијата, туку ќе гласа според својата политичка агенда.