Големи се влоговите од средбата, на која се очекува Макрон да го постави прашањето за идните планови за Сирија по неодамнешните заеднички ракетни напади. Тој исто така ќе ја потврди одлучноста на Франција за зачувување на нуклеарниот договор со Иран, од кој, пак, Трамп сака да се повлече, оценува „Гардијан“

Францускиот претседател Франсоа Макрон пристигна во тридневна посета на САД, каде што домаќин ќе му биде американскиот колега Доналд Трамп. Макрон, кој верува дека неговата дипломатија и убедување може да го сменат мислењето на шефот на Белата куќа, е првиот странски лидер во официјална посета на Вашингтон, откако Трамп стапи на функцијата. Големи се влоговите од средбата, на која се очекува Макрон да го постави прашањето за идните планови за Сирија по неодамнешните заеднички ракетни напади. Тој исто така ќе ја потврди одлучноста на Франција за зачувување на нуклеарниот договор со Иран, од кој, пак, Трамп сака да се повлече. Макрон минатата недела порача дека го убедил Трамп да ги задржи американските војници во Сирија на подолг рок, наведува британски „Гардијан“.

Поттикот на Макрон за влијание во Вашингтон, според „Гардијан“, се темели врз изненадувачки блискиот однос помеѓу двајцата претседатели, кои инаку изгледаат како да имаат сосема спротивни карактери. Трамп (71) е антиглобалист и протекционист, избран врз ветувањето дека ќе ја стави Америка на прво место, и кој порано изгледаше дека го поддржува противникот на Макрон, односно лидерот на екстремната десница Марин Ле Пен. Од друга страна, пак, Макрон (40) верува во космополитски глобализам и важи за голем проевропеец.

Иако тие се согласуваат за некои клучни прашања, како што е борбата против тероризмот и Сирија, двајцата лидери имаат „џентлменско недоразбирање“ за други прашања, вклучувајќи ја и намерата на Трамп да ги напушти Парискиот климатски договор и иранскиот нуклеарен договор, и економскиот протекционизам на Вашингтон.
„Гардијан“ оценува дека од клучно значење е тоа што односот помеѓу Макрон и Трамп се подобрува додека, пак, односите со другите американски сојузници изгледа дека ослабуваат: со Германија, во текот на долгото чекање за формирање влада, и Британија, каде што Тереза Меј не капитализираше од традиционалниот „специјален однос“ помеѓу Лондон и Вашингтон. Макрон верува дека светскиот поредок, доминиран од Западот, е предизвикан и оти Франција, нуклеарна сила и постојана членка на Советот за безбедност во ОН, мора да биде добро позиционирана за да одговори на тие предизвици.

– Макрон го опишувам како неореалист. Макрон разбира дека живееме во „свет на Трамп“, а покрај Трамп, тука се Путин од Русија, Ердоган од Турција, и кинескиот лидер Си Џинпинг. Тој е добар во улогата на пренесувач на пораки со ваков тип личност. Тој е единствениот европски лидер што рамноправно разговара со сите овие луѓе – оценува Франсоа Хајсбург, претседател на Меѓународниот институт за стратегиски студии.
Истовремено, Лоренс Нардон, директорката на американската програма при Францускиот институт за меѓународна политика (ИФРИ), истакнува дека Макрон неколкупати се обидел да го смени ставот на Трамп за климатските прашања, трговските бариери и иранскиот нуклеарен договор.

– Но досега, што се однесува до конкретни резултати, тие се ограничени, освен за трговските бариери, каде што напредуваат преговорите. Франција нема влијание врз промената на американските позиции за климатските промени или иранскиот договор. Значи стратегијата не функционираше. Но тоа е и за очекување, бидејќи реалноста е таа дека Трамп ги носи своите одлуки за прашања како што се протекционизмот, антиекологијата и Иран, поради внатрешнополитички причини, за да го задоволи неговиот електорат. Малку е веројатно тој да ги смени ставовите пред претстојните избори за Конгресот во ноември – оценува Нардон.
Посетата на Вашингтон исто така има цел да го зацврсти имиџот на Макрон како мост до Европа за Трамп, заклучува „Гардијан“.