Францускиот претседател, Емануел Макрон, изјави денеска дека излегувањето на Велика Британија од ЕУ е историски аларм што треба да ја принуди Унијата да се подобри.

Макрон рече дека на европските граѓани повеќе од кога и да било им е потребна обединета Европа за да ги бранат своите интереси што ги загрозуваат САД и Кина и да се справат со предизвиците како што се климатските промени, миграцијата и технолошкиот напредок.

– Овој излез е шок. Тоа е историски аларм што мора да се чуе во секоја од нашите земји, низ цела Европа и да нè натера да размислиме – рече Макрон.

Тој ги критикуваше, како што рече, лагите, претерувањата и поедноставувањата што ја одбележаа кампањата за брегзит во 2016 година.

– Денес е тажен ден, да не го криеме тоа. Но, исто така, и ден што мора да нè натера да ги правиме работите поинаку – рече францускиот претседател.

Тој додаде дека наскоро ќе ја посети Велика Британија со надеж дека двете земји ќе изградат нов, што е можно поблизок однос.

Велика Британија ја напушти Унијата на полноќ минатата ноќ. Од денеска почна транзиционен период во кој Лондон ќе преговара за условите за нов однос со ЕУ и нејзините членки.