Според истражување на универзитетот „Јејл“, државите во светот различно се справуваат со заштитата на животната средина, климатските промени, биодиверзитетот, квалитетот на воздухот и водата. Во тој правец е и последната публикација на универзитетот, која изврши рангирање на земјите за тоа каде котираат тие во глобалната екологија

Анализа: Кои се најзелените држави во светот

Заштитата на животната средина, борбата против климатските промени, справувањето со штетните емисии, како и квалитетот на воздухот и водата во услови на светска пандемијата полека, но сигурно стануваат глобални приоритети речиси за сите држави во светот. Токму во таа насока е и последното истражување на универзитетот „Јејл“ во САД, објавено на веб-страницата „Вижуал капиталист“, кое врши рангирање на државите во светот колку тие се залагаат нивните граѓани да живеат во еколошка здрава средина.
Имено, според анализата на американскиот универзитет, во која влегуваат 180 земји, на списокот главно доминираат државите на ЕУ. На листата на водечки предничи Данска, која исто така е светски лидер во намалувањето на негативното влијание врз климатските промени. Како што наведува студијата, зад оваа „најзелена европска држава“ следуваат Луксембург, Швајцарија, Велика Британија и Франција. Интересно е што во студијата се посочува дека Шведска е осма земја во однос на применувањето на зелените политики, но е прва во однос на обработката и рециклирањето отпад. Во исто време Финска, која е на седмото место, е рангирана на самиот врв за третирањето отпадни води, заедно со Холандија, Шведска и Сингапур. Шпанија е вкупно 14-та, но осма по биодиверзитет и зачувување на природното живеалиште. Велика Британија е втора по Данска во намалувањето на емисиите на јаглероден диоксид.

Побогатите нации се еколошки поосвестени и со тоа се подобро рангирани

Во меѓувреме во друштво на „најзелените“ од другите делови на светот, според универзитетот „Јејл“, се посочуваат државите како Јапонија, која е на 12-то место, потоа Австралија на 13-то место, Нов Зеланд на 19-то место и Канада на 20-то место. Интересно е што во истражувањето се наведува дека САД засега се наоѓаат на 24-то место на листата за еколошки земји и во студијата се додава дека оваа држава по враќањето во Парискиот климатски договор екстремно придонесува во зачувување на светската екологија.
– Клучната причина зошто побогатите нации се рангирани подобро се високите инфраструктурни трошоци потребни за земјата да стане зелена. Сѐ, од намалување на загадувањето на воздухот и третман на водата преку контрола на опасен отпад, па до ублажување на јавната здравствена криза, е скапо (на пример, прочистувачи на воздух и вода или системи за рециклирање отпад), но во исто време има огромно потенцијално влијание врз граѓаните – стои во анализата на американскиот универзитет.

Што значи индексот ЕПИ?

Индексот ЕПИ со кој е извршено рангирањето на државите и со кој се мери заштита на животната средина е всушност мера развиена од универзитетот „Јејл“ во САД. Со индексот се мерат дури 32 фактори, од кои најважни се климатските промени, биодиверзитетот, квалитетот на воздухот и квалитетот на водата. Секој индикатор за перформанси на државите се оценува со висок ЕПИ, како што е „заштитата на животната средина“, и тој е поделен на повеќе категории. Така што различни сектори носат различни удели при формирањето на вкупниот индекс, пишува веб-страницата „Вижуал капиталист“. Во овој контекст интересно е да се спомене и последното истражување на Светската банка на истава тема, каде што исто така беше посочено дека најзелените држави во светот всушност се и најбогатите земји. Клучната причина според Светската банка зошто побогатите нации се рангирани подобро, се високите инфраструктурни трошоци потребни за земјата да стане зелена. Политиките за намалување на загадувањето воздухот и третман на водата, контрола на опасен отпад и за ублажување на јавната здравствена криза се скапи и тие ретко може да се применат во посиромашните општества, кои во исто време имаат огромно потенцијално влијание врз граѓаните.


Словенија најзелена држава во регионот, Босна на дното

Во студијата за заштита на животната средина не изостанаа ниту податоците за државите од регионот. Според анализата, од земјите во опкружувањето, Словенија е најдобро рангирана и таа се наоѓа на 18-то место. Веднаш зад неа е Хрватска на 34-то место, Бугарија на 41-то место, а Македонија се најде на 43-то место две позиции погоре од Србија, која го зазема 45то место. Нашиот западен сосед Албанија е на 63-то место, потоа следува Црна Гора, која е на 75-то место, а најлошо рангирана во регионот е Босна и Херцеговина, која се најде на 78-то место во истражувањето на универзитетот „Јејл“. Инаку на самото дно на листата се сиромашните земји како Мјанмар, Авганистан, Сиера Леоне, Брегот на Слоновата Коска, Гвинеја, а Либерија заврши како последна, на 180-то место. Од горенаведеното може да се заклучи дека економскиот развој е гаранција за благосостојба и одржливост во еколошка смисла.