Венецуелската влада тивко ја предава контролата врз нафтата на странски компании, во очајничкиот обид за одржување на економијата и останување на власт, по децении на доминација врз државната нафтена индустрија, тврди „Њујорк тајмс“.

Ова е изненадувачки потег за Венецуела кој значи отстапување од децениската државна контрола врз најголемите нафтени резерви во светот.

Моќта и легитимитетот на венецуеласката влада секогаш се должеле врз нејзината способност за контролирање на државната економија и користење на профитот за придобивка на народот.

Но, авторитативниот лидер Николас Мадуро, во борбата за одржување на власт во седмогодишната економска криза, се откажува од политиките кои некогаш беа централни за социјалистичката револуција.

Под венецуелскиот закон, државната нафтена компанија мора да биде примарен акционер во сите најголеми проекти. Но, во случајот на компаниите како што се „Петролеос“ или „ПДВСА“, под товар на американските санкции или лошото водење, работата неофицијално се пренесува на нивните странски партнери.

Приватните компании извлекуваат сурова нафта, го организираат извозот, им плаќаат на работниците, купуваат опрема, а дури и ангажираат безбедносни сили за заштита на нивните операции.

Во суштина, се случува „невидлива приватизација“, според Рафаел Рамирез кој ја водеше венецуелската нафтена индустрија повеќе од една деценија, пред да се раздели од Николас Мадуро во 2017 година.

– Денес, „ПДВСА“ не ја менаџира нашата нафтена индустрија, Венецуелците не ја менаџираат. Во средиштето на хаосот создаден од најголемата економска криза претрпена во историјата на државата, Мадуро презема акции за да ги предаде нафтените операции на приватниот капитал – вели Рамирез.

Промената во нафтениот сектор, која забрзано се случува во изминатите неколку месеци ја реорганизира нафтената индустрија на нацијата, чии цврсти енергетски политики од 50-те години на минатиот век служеа како пример за државите во развој, за начинот на кој треба да ги контролираат природните ресурси.

И тие претставуваат потполна спротивност од визијата на Уго Чавез кој беше ментор и претходник на Мадуро. Чавез ги национализира наоѓалиштата на „Ексон мобил“ и на „Коноко филипс“ во 2007 година, а го исполни и раководството на „ПДВСА“ со политички сојузници посветени на „боливиската револуција“.

Трансформацијата на венецуелската нафтена индустрија од страна на Мадуро, наводно, се должи на колапсот предизвикан од американското ембарго. Производството на нафта моментно изнесува помалку од една третина од она во 1998 година, кога Чавез дојде на власт. Кон крајот на минатата година, Венецуела го стабилизира извозот на околу милион барели дневно, според податоците на „Блумберг“.

Извозот на нафта му овозможи на Мадуро странски приход во најкритичниот миг од економската криза, дозволувајќи му да се приспособи на санкциите и да ја консолидира власта, се заклучува во текстот на „Њујорк тајмс“.