Владејачката Социјалистичка партија на претседателот Николас Мадуро освоила 20 гувернерски места, додека три им припаднале на опозициските политичари, соопшти Националниот изборен совет на Венецуела (ЦНЕ).

Набргу по објавувањето на првичните резултати, левичарскиот претседател на земјата го прослави триумфот на владата, пренесуваат британските медиуми.

– Победата е импресивна – рече Мадуро во обраќањето до поддржувачите, додавајќи дека „мора да се слават добри победи”.

Вчера на гласање излегле само 41,8 отсто од регистрираните гласачи, што е околу 8,1 милион избирачи, соопшти највисокото изборно тело во оваа јужноамериканска земја.

ЦНЕ претходно во текот на денот соопшти за „помали и изолирани проблеми” при гласањето.

На регионалните избори во 2017 година, владејачката партија освои 19 гувернери, додека опозициските политичари освоија четири.

Британските медиуми анализираат дека последните изборни резултати се назадување за лидерите на опозицијата, кои се вратија во изборниот процес по бојкотот на претседателските избори во 2018 година и изборите за Конгресот во 2020 година.