Уште тројца „платеници” се уапсени во саботата во рамки на истрагата за тајната мисија на која наводно целта ѝ била да го соборат од власт венецуелскиот претседател, Николас Мадуро.

Досега се приведени вкупно 34 лица, рече Мадуро.

– Денеска уапсивме уште тројца платеници. Во потрага сме по останатите и сите ќе ги приведеме – рече Мадуро во телевизиско обраќање.

Во рамки на овој неуспешен обид за инвазија, што венецуелскиот претседател го спореди со оној во кубанскиот Залив на свињите во 1961 година, група мажи на 3 и 4 мај со авион пристигнале во Макуто, град оддалечен на помалку од еден час возење од Каракас.

Двајца поранешни американски војници, Лук Денман (34) и Ајран Бери (41) се во затвор. Тие се обвинети за „тероризам, заговор, трговија со оружје и здружување“ на криминалци и се соочуваат со затворска казна до 30 години.

Другите лица вклучени во овој случај се државјани на Венецуела.

Владата на Мадуро верува дека нивниот план бил да го соборат сегашниот претседател на државата за на негово место да го постават неговиот противкандидат Хуан Гуаидо, кој Соединетите Држави и многу други држави го признаа како привремен претседател на Венецуела.

Мадуро истакна дека го смета американскиот претседател Доналд Трамп за „главен командант на операцијата“ и смета дека Гуаидо бил соучесник.

Наводно, задачата на „платениците“ била да ја преземат контролата над главниот аеродром во Каракас, да го киднапираат Николас Мадуро и да го пренесат во Соединетите Држави.