Досегашниот претседател на Венецуела, Николас Мадуро е победник на завчерашните претседателски избори во оваа јужноамериканска држава. Според првите официјални податоци, Мадуро добил 5,8 милиони гласови, а за неговиот главен ривал Енри Фалкон гласале 1,8 милион гласачи.

Мадуро извојува лесна победа на изборите, а неговите двајца главни ривали ги прогласија за нелегитимни поради многубројни нерегуларности.
– Ние не го признаваме овој изборен процес, за нас избори немаше. Во Венецуела треба да бидат организирани нови избори – порача Фалкон пред новинарите и ја обвини Владата дека вршела голем притисок над избирачите.
Тој посочи дека во близината на избирачките места биле поставени речиси 13.000 штанда со провладина агитација. По објавувањето на резултатот, поддржувачите на Мадуро победата ја прославија танцувајќи латинотанци околу претседателската палата „Мирафлорес“ во центарот на Каракас.
На претходните претседателски избори во 2015 година одѕивот на гласачите достигна 80 отсто. Тогаш Мадуро го победи популарниот опозициски политичар Енрике Каприлес со мала разлика.

Портпаролката на американскиот Стејт департмент Хедер Нојерт изјави дека изборите во Венецуела не се легитимни, истакнувајќи дека САД поддржуваат „слободни и фер избори“.
– Таканаречените избори во Венецуела не се легитимни. САД, заедно со демократските земји низ светот, ги поддржуваат венецуелскиот народ и неговото суверено право да ги избираат своите претставници по пат на слободни и фер избори – истакна Нојерт на Твитер.
Изборите во Венецуела подлежат на многубројни критики, бидејќи на некои од најпопуларните противници на претседателот на државата не им беше дозволено да се кандидираат, додека неколку од нив беа принудени на егзил. САД, ЕУ и многу јужноамерикански земји најавија дека нема да ги признаат резултатите од изборите.