Претседателот на Венецуела Николас Мадуро и неговиот противник поддржан од Западот, Хуан Гваидо, почнаа борба за државните златни резерви вредни над милијарда долари кои се наоѓаат во Банката на Англија, пренесува „Ројтерс“.

Централната банка на Венецуела контролирана од владата на Мадуро се обидува да издејствува судска наредба што ќе ја принуди Банката на Англија да го ослободи венецуелското злато што е во нејзино чување.

Адвокатите што ја застапуваат Централната банка на Венецуела во судскиот процес, тврдат дека со продавање на златото ќе се финансира справувањето со коронавирусот и здравствениот систем погоден од шестгодишната економска криза.

Од друга страна, адвокатите на Гваидо велат дека нивниот клиент би требало да има контрола врз златото, бидејќи британската влада, заедно со уште 60 држави го признава како лидер на Венецуела, по тврдењата дека Мадуро ги лажирал последните претседателски избори одржани пред две години. На сослушувањето кое почна вчера, правните тимови се спореа околу прашањето кој е легитимен лидер на Венецуела.

Владата на Мадуро се спори за златото уште од 2018 година. Венецуелските власти пак продадоа 30 тони злато во изминатите две години за справување со финансиската криза во државата.

Банката на Англија чува околу 400 илјади златни прачки вредни повеќе од 250 милијарди долари, со што претставува вториот најголем чувар на злато во светот, по Федералните резерви во Њујорк.