Лидерот на венецуелската опозиција, Хуан Гваидо, разговарал за поморска инвазија на Венецуела за време на посетата на Белата куќа, изјави венецуелскиот претседател Николас Мадуро, пренесува „Спутник“.

– Во Белата куќа на 4 февруари оваа година Хуан Гваидо се состана со Џордан Гудро, шеф на приватната компанија за обезбедување „Силверкорп“, по наредба на Доналд Трамп за да го договоарт планот за напад – рече Мадуро.

Тој додаде дека би било многу лесно да се потврди присуството на Гудро во Белата куќа помеѓу 2019 и 2020 година и во која просторија се сретнал со Гваидо.

Гваидо, самопрогласен лидер на Венецуела поддржан од САД, го посети Вашингтон на 4 февруари и присуствуваше и на обраќањето на Трамп до нацијата. Трамп го поздрави Гваидо како вистински и легитимен лидер на Венецуела и го нарече Мадуро тиранин.

Венецуелските власти на почетокот од месецов спречија упад на десетици вооружени лица со глисери во северната крајбрежна држава Ла Гуаира, наречен „Операција Гидеон“. Осуммина напаѓачи беа убиени, а најмалку 48 други лица, претежно дезертери од венецуелската армија, беа уапсени.

Обвиненијата на Мадуро се чини дека произлегуваат од сослушувањето на еден уапсен дисидент, Антонио Секеа, кој сведочеше дека Џордан Гудро им кажал на платениците за состанокот во Белата куќа што го остварил со Гваидо. Според Секеа, целта на операцијата била да се собори Мадуро и да се префрли во САД, кои понудиле награда од 15 милиони долари за неговото апсење.

Меѓу уапсените имало и двајца американски државјани, Лук Денман и Аранан Бери. Денман во видеото емитувано на една телевизија во Венецуела изјави дека договорот за операцијата го потпишал Хуан Гваидо. Тој не спомена никаков состанок во Белата куќа.

Денман исто така раскажа дека Гудро, американски воен ветеран, примал наредби директно од Доналд Трамп, платеникот очекувал да добие помеѓу 50.000 и 100.000 американски долари за неговата улога во упадот.

Гудро рече дека бил ангажиран од Гваидо и дека потпишал договор на осум страници за „општи услуги“ со „Силверкорп“ во октомври 2019 година. Гваидо, кој предводеше уште еден неуспешен удар во април 2019 година, тврди дека не бил вмешан во упадот иако копија од договорот вреден 213 милиони долари, објавен во „Вашингтон пост“ од страна на опозицијата во Венецуела, се чини дека го содржи неговиот потпис.

За Гудро се вели дека бил сослушан од американските власти иако останува нејасно дали ќе бидат покренати обвиненија против него бидејќи администрацијата на Трамп не ја признава владата на Мадуро. Доналд Трамп, кој минатата година рече дека сите опции ќе бидат на маса да го отстранат Мадуро, ја отфрли одговорноста за рацијата.