Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро ги критикува европските држави кои го признаа опозицискиот лидер Хуан Гуаидо за претседател, а посебно остра критика упати кон шпанскиот премиер Педро Санчез.

Мадуро во телевизиското обраќање во живо повтори дека не прифаќа ултиматуми од која било земја. Неговото обраќање е откако истече рокот од Европска унија, со кој се бараше Мадуро да распише претседателски избори.

– Санчез ќе има крв на своите раце ако изведе пуч – истакна Мадуро.

Тој исто така наведе и дека не прифајќа хуманитарна помош, бидејќи „Венецуела не е земја на питачи“.

Во меѓувреме и Чешка го призна опозицискиот лидер Хуан Гуаидо за привремен претседател на Венецуела, така што бројот на европски земји се искачи на 11.

Претходно, Италија го блокира нацрт соопштението на ЕУ во кое се наведува дека сите земји членки на Унијата ќе го признаат Гуаидо за провремен претседател на Венецуела. Спротиставувањето на Италија спречи да се донесе единствен став на ЕУ за Венецуела.

Шпанскиот министер за надворешни работи Јосеп Борел во Брисел изјави дека „во моментов нема заедничка декларација на ЕУ за Венецуела бидејќи неколку земји членки се против.

ЕУ му дадоа рок, што истече на полноќ, на Мадуро да распише нови претседателски избори, во спротивно ќе го признаат опозиционерот Хуан Гуаидо како легитимен привремен претседател додека тој не организира нови избори.

Мадуро вчера го одби ултиматумот на ЕУ.

Европскиот Парламент исто така минатиот петок го призна опозиционерот Гуаидо за привремен претседател на Венецуела.