Германскиот министер за надворешни работи Хајко Маас смета дека Европската унија треба да претставува противтежа на САД во случаите кога Американците се обидуваат да наметнат некоја политика што е во спротивност со европските интереси.

– Европа треба да преземе еднаков дел од одговорноста и да претставува противтежа кога САД ќе ги преминат црвените линии. Само така ќе имаме рамнотежа – вели Маас во текст за весникот „Ханделсблат“ насловен „Планирање на новиот светски поредок“.

Германскиот министер вели дека пораката што Европа треба да ја упати до Америка е дека Брисел сака да соработува со Вашингтон, но дека нема да дозволи американски постапки кои одат на штета на ЕУ. Во текстот, Маас предупредува дека Европа не може веќе да смета на безбедносните гаранции на САД како што можела порано, и поради тоа е потребно постепено да изгради свои безбедносни системи.

Во текстот, Маас ја критикува одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да се повлече од нуклеарниот договор со Иран.

Европските држави Германија, Франција и Британија, кои покрај САД, Русија и Кина беа потписнички на овој договор, сė уште се надеваат дека тој може да се спаси. Откако САД најавија санкции за европските компании кои ќе почнат да соработуваат со Иран, Маас повика на создавање на паралелни системи за плаќање кои нема да бидат под американско влијание, и со кои европски компании ќе можат слободно да тргуваат со Иран.