Иран почнал со произведство на метал ураниум, што го користи како гориво за еден од своите нуклеарни реактори, а тоа претставува уште едно кршење на Договорот за иранската нуклеарна програма, се вели во соопштението на Меѓународната агенција за атомска енергија МААЕ, пренесуваат светските медиуми.

Во соопштението се наведува дека од 8 февруари во погонот во Испахан, централен Иран, утврдено е присуство на метал ураниум.

МААЕ наведува дека тој вид ураниум покрај гориво за нуклеарни реактори може да се користи и во производство на нукеларно оружје.

Во 2015 година беше потпишан договор меѓу Иран и САД, Кина, Русија, Велика Британија, Франција и Германија, познат како Заеднички сеопфатен план за акција, кој наметна ограничувања на иранската нуклеарна програма, за возврат укинувајќи ги меѓународните и американските економски санкции.

Со Договорот за иранската нуклеарна програма потпишан во 2015 година се предвидуваше ограничување на збогатувањето на ураниум, во замена за укинување на економските санкции кон Иран. Во 2018 година САД едностарано се повлекоа од Договорот, а Техеран почна да не ги почитува одредбите.

Иран вели дека останува во рамките на параметрите на договорот од 2015 година, тврдејќи дека токму САД го прекршиле договорот со повлекување од пактот во 2018 година и повторно воведување санкции.