Речиси 14.000 луѓе во Кина досега го имаат прележано новиот коронавирус Ковид-19. Бројката на заразени во Кина се искачи на 75.000, но голем број заразени закрепнуваат и се борат со вирусот. Дел од оние што го прележале вирусот откриваат детали од нивната секојдневна борба, пренесува „Ал џезира“.

– Ова е првпат кајгана со домати да има толку убав вкус за мене – објави на Интернет 28-годишната Јангјанг, откако по излегувањето од болница во Вухан сама си зготвила појадок.

Таа вели дека едвај чека да ги види нејзините пријатели откако ќе излезат од болница откако го прележале вирусот.

Од Светската здравствена организација (СЗО), информираат дека четири од пет заразени лица во Кина имаат голема шанса да го преживеат коронавирусот. 

На почетокот на февруари, Јангјанг и нејзиниот татко побарале помош по појавените симптоми, но биле одбиени од болниците бидејќи немало доволно слободни кревети. Поради тоа, тие се чувствувале беспомошно и исплашено. 

– Не знаев што да правам, се чувствував беспомошно. Не сакав да умрам! – напишала Јангјанг на социјалните мрежи.

Таа направила тест кој се покажал како позитивен, но болницата не ја примила. По нејзините објави на социјалните мрежи, таа сепак била примена во болницата во Вухан. Два дена подоцна, нејзиниот татко исто така бил примен. 

– Покрај тоа што собите се пренатрупани, благодарни сме што конечно не згрижија – вели Јангјанг. 

По оздравувањето, Јангјанг планира да помогне колку што може во борбата против вирусот. 

– Слушнав дека крвната плазма на оздравените може да биде корисна во лекувањето на другите пациенти. Ќе донирам веднаш по 14-дневниот карантин. Тоа е најмалку што можам да направам за да помогнам на другите – вели таа. 

Но, други заразени од вирусот не биле брзо згрижени и се соочиле со потешкотии. Кај 34-годишната Пенг симптомите се појавиле на 27 јануари. Таа била примена во одделот една недела подоцна, откако била прегледана и се покажало дека има тешкотии со дишењето. По интензивната нега, таа закрепнала и две недели подоцна била пуштена дома. Но, Пенг решила да остане во карантин во својата соба, и покрај тоа што двапати се тестирала негативно за вирусот.

– Откако епидемијата ќе заврши, ќе отидам во болницата и лично ќе се заблагодарам на сите кои се грижеа за мене. Тие ми дадоа втор живот – вели Пенг, сеќавајќи се на времето кое го поминала заедно со другите пациенти во одделот. Тие лежеле беспомошно на креветите, приклучена на машини со маски на лицата. 

Ву Јунканг, 47-годишен маж од Вухан, кој тестирал позитивно за вирусот, откако се покажало дека нема слободен кревет во болниците, веднаш одлучил да остане во 14-дневен карантин во неговата соба. Тој секој ден одел до болницата Ханку за да прима инјекции, додека еден ден докторите му рекол да не доаѓа. Тој го победил вирусот. 

– Бев многу исплашен. Мојата температура секој ден беше променлива. Откако ми рекоа повеќе да не доаѓам, бев малку изненаден, но докторите тврдеа дека мојот имун систем може сам да ја продолжи борбата – вели Ву.

Со цел инфицираните да бидат прогласени за здрави, докторите од Вухан наведуваат дека треба да исполнуваат два критериуми – не треба да имаат никакви симптоми, да немаат кашлица и треска, како и да тестираат негативно за коронавирусот двапати. По победувањето на вирусот, оздравените треба да останат затворени во нивните домови 14 дена и доколку повторно се појават било какви симптоми, истите да ги пријават.