Луѓето уништиле дури 60 отсто од цицачите, птиците, рибите и рептилите од 1970 година досега, поради што најпознатите светски научници предупредуваат дека уништувањето на живиот свет е опасност што ѝ се заканува на човековата цивилизација. Во извештајот на организацијата ВВФ се наведува дека огромната и растечка потрошувачка на храна и ресурси од светското население ја уништува мрежата на животот, од која човечкото општество на крајот зависи за чист воздух, вод а и многу други работи.

– Месечариме кон работ на бездната. Ако има 60 отсто намалување на светското население, тоа ќе биде еквивалентно на испразнување на Северна Америка, Јужна Америка, Африка, Европа, Кина и Океанија. Со тоа ја загрозуваме иднината на луѓето. Природата не е нешто што е фино да се има, таа е нашиот животен систем – истакнува Мајк Барнет, извршен директор за наука и конзервација при ВВФ.
Јохан Рокстром, експерт од Институтот за истражување на климатското влијание во Постдам, предупредува дека на луѓето брзо им истекува времето.

– Само со справување со екосистемите и климата имаме шанса за зачувување стабилна планета за човековата иднина на Земјата – додава Рокстром.

Повеќе експерти и научници веруваат дека светот се соочува со шестото масовно исчезнување, кое истовремено е и прво предизвикано од некој животински вид, односно од хомо сапиенсот. Животинските и екосистеми се витални за човечкиот живот. Најголема причина за исчезнување на живиот свет е уништувањето на природните живеалишта, и тоа најмногу поради создавањето земјоделски површини.

Речиси три четвртини од целото копно на Земјата сега се значително изменети од човековите активности. Покрај тоа, ловењето животни за храна е втората најголема причина, при што дури 300 вида цицачи се исчезнати поради исхраната на луѓето, наведува „Гардијан“.