Луксембург од денеска е првата земја на светот во која јавниот градски превоз е бесплатен. Мерката се очекува да влијае на речиси 40 отсто од домаќинствата и ќе претставува заштеда за нив од околу 100 евра годишно, а воедно е дел од планот за намалување на загадувањето.

Во Луксембург живеат околу 610.000 луѓе, а прекуграничните работници чинат половината од вкупниот број на вработени.Најчесто превозно средство во Луксембург се возилата. Повеќе од 200.000 луѓе доаѓаат на работа со автомобили од соседна Франција, Германија и Белгија, што создава дополнителен сообраќаен метеж.

Луксембург инвестираше многу во урбаниот транспорт, особено со изградба на трамвајска мрежа. Цената на проектот ќе изнесува 41 милион евра, колку што државата ќе изгуби од купените билети, но тоа ќе биде покриено од буџетот. Автоматите за продажба на билети постепено ќе бидат отстранети од станиците, но ќе останат пунктовите за продажба на билети за меѓународни возови.