Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, тврди дека полските војници и граничари повеќе пати пукале над главите на мигрантите, во правец на белоруска територија.

„Ги тепаат и им ги кршат ребрата на начин тоа да не се види. Луѓето се цели во модрици, претепани и искршени. Ги оставаат на државна граница. И, што е најважно, отвораат оган кон нас над нивните глави“, рече Лукашенко на владина седница, а пренесе агенцијата „Белта“.

„Како поранешен граничар, можам да ви кажам: во советско време, да беше испукан барем еден куршум кон нас од соседна територија, таму сè ќе беше избришано од лицето на земјата. Тоа е страшно прекршување“, посочил Лукашенко, а пренесе „Тасс“.

Тој рече дека полските сили се обидуваат да ги принудат мигрантите да заминат во Белорусија.

„Полјаците се обидоа да истераат повеќе од 1.000 луѓе на наша територија во текот на изминатиот ден. Знаете, ги фаќаат дури и на германската граница, можеби и во Германија, ги носат до границата и почнуваат да ги тераат на различни места. Меѓутоа, ниедно лице не усепеа да навлезе на наша територија“, изјавил Лукашенко.