Белорускиот претседател Александар Лукашенко му се закани на Западот дека ќе го ограничи транзитот низ Белорусија во случај на нови санкции против Минск.

– Ако извршите притисок со нови санкции, ќе ја заобиколувате Белорусија преку Северниот пол и Средоземното море. Засега, во услови на пандемија, ќе продолжиме да се однесуваме хумано во однос на транзитот, патничкиот и товарен сообраќај… – рече Лукашенко во вторникот вечерта, а пренесе весникот „Белорусија денес“.

Според него, санкциите немаат никаква врска со правниот систем.

– Примената на рестриктивни мерки како инструмент за притисок врз суверена држава е беззаконие и уцена на меѓународно ниво. Тоа е уцена која, дозволете ми да ве потсетам, е осудена во документите на ОН и другите меѓународни организации како неприфатлива мерка – истакна Лукашенко.

Тој потсети дека пакетот санкции против Белорусија е воведен на денот на 80-годишнината од почетокот на Втората светска војна и го објасни потегот со зборовите дека „Европа не се грижи за луѓето кои најмногу страдале од варварската и нехумана инвазија на европскиот фашизам“.

Како што рече, санкциите не се воведени само против Минск.

– Тие се воведени и против Руската Федерација – додаде тој и оцени дека приказната со неодамнешното слетување на авионот во Минск и притворот на новинарот е само формална причина за санкции.

Односите на Белорусија со западните земји нагло се влошија по претседателските избори. Европската Унија не ги признаваше изборите за слободни и демократски, ниту Александар Лукашенко за избран претседател, анализираат медиумите.

Европската Унија, Велика Британија, САД и Канада воведоа санкции против голем број белоруски функционери, како и компании поврзани со сегашните белоруски власти. Овие санкции подоцна беа продолжени.