Белорускиот претседател, Александар Лукашенко, во интервју за Би-би-си изјави дека е апсолутно можно неговите сили да им помогнале на мигрантите да преминат во Полска, но негира дека мигрантите биле повикани.

Во ексклузивното интервју во претседателската палата во Минск тој рече: „Мислам дека тоа е апсолутно можно. Ние сме Словени. Имаме срца. Нашите сили знаат дека мигрантите одат во Германија. Можеби некој им помогнал, нема да се занимавам со тоа“.

Сепак, тој негира дека повикал илјадници мигранти да дојдат со цел да биде предизвикана гранична криза.

„Им кажав дека нема да притворам мигранти, да ги држам на граница и ако продолжат да доаѓаат, нема да ги спречувам повеќе бидејќи тие не доаѓаат во мојата земја, тие одат во вашата. Тоа е она што сакам да го кажам. Но, не ги поканив овде. И да бидам искрен, не сакам да одат преку Белорусија“, рече белорускиот претседател.

Лукашенко е на власт од 1994 година, но неговиот последен реизбор во август 2020 година беше оспорен од страна на ЕУ.

Унијата го обвинува за оркестрирање на мигрантската криза на границата со Полска, Литванија и со Летонија како одговор на европските санкции за брутално задушување на протестите на опозицијата.