Доколку западните земји извршат агресија против Русија, Белорусија ќе влезе во војна, изјави белорускиот претседател Александар Лукашенко.

– Во случај некој да се обиде да ја нападне Русија преку Белорусија или близу белоруските граници, нашата армија од 60-65 илјади војници ќе влезе во војна. Според одредбите на Договорот за колективна безбедност и Договорот за државна унија, Западот е во нашата зона на одговорност – рече Лукашенко за руските медиуми, а пренесе агенцијата „Тасс“.

– Доколку се случи таков напад од запад, север или југ, ние веднаш ќе обезбедиме помош за Русија – заклучи белорускиот претседател.

Минатиот месец, Лукашенко му нареди на белоруското Министерство за одбрана внимателно да ги следи движењата на силите на НАТО во Полска и Литванија и да ја подигне борбената готовност на повисоко ниво, во единиците што ги контролираат западните граници на Белорусија.

Набргу потоа, на 19 август, белорускиот министер за одбрана Виктор Крењин нареди пограничната армиска област Гродно да се зајакне со единици за тактички ракети, ракетни батерии со повеќе цевки, беспилотни летала и противвоздушни ракетни системи.