Пародија на амблемот на Исламската држава, шеговити слогани, разни слики и лош правопис, се меѓу деталите што ги содржат бомбите испратени преку пошта во изминативе неколку дена во САД. Барем 10 направи беа испратени до високи демократски функционери, како и на јавни личности што отворено се против американскиот претседател Доналд Трамп. Ваквите дела кои се третираат како терористички акти поттикнаа разни теории за мотивите, како и за идентитетот на сторителот или на сторителите, пренесуваат американските медиуми.

Потенцијално експлозивните пакети беа испратени до милијардерот Џорџ Сорос, па потоа и до поранешниот демократски претседател Барак Обама, поранешната државна секретарка Хилари Клинтон, демократскиот гувернер на државата Њујорк, Ендрју Куомо, до телевизиската мрежа Си-Ен-Ен… Последните бомби беа адресирани до поранешниот американски потпретседател Џо Бајден и до актерот Роберт де Ниро. Целите на бомбите беа во пет различни сојузни држави.

Направата што стигна до просториите на телевизиската мрежа Си-ен-ен на Менхетн содржеше своевидна пародија на амблемот на Исламската држава на кој е напишана фразата „направи го тоа“ (ја користи еден американски комичар) и силуети на голи жени. Покрај бомбата имаше и фотографија на која е прикажан нечиј лик што не може да се распознае, пренесуваат медиумите. Некои од имињата на луѓето што беа цел на пакетите се погрешно напишани. 

Се појавија и разни теории за мотивите, со што мислењата се поделени. Дел од јавноста смета дека се работи за десничарски екстремизам, а други, пак, сметаат дека сторителот има левичарска определба. Поддржувачите на Доналд Трамп се убедени дека станува збор за случај со теоријата на „лажното знаме“, односно дека целта на бомбите е да се наруши нивниот и имиџот на американскиот претседател.

Составена е специјална единица од припадници на повеќе безбедносни служби што работат на случајот, додека бомбите се испитуваат во центарот на Федералното истражно биро (ФБИ) во Квантико. Бомбите содржеа прав, за кој е откриено дека не е биолошко оружје, како и шрапнели, мала батерија, часовник и детонатор, според првичните резултати во истрагата. Според одредени информации, бомбите се способни за детонација.