Преговарачките тимови на Европската Унија и на Британија конечно постигнаа договор за брегзит, откако најдоа компромисно решение за т.н. ирско прашање. Договорот допрва треба да биде потврден од британскиот парламент, како и од Европарламентот. Сепак, Демократската унионистичка партија (ДУП), од која зависи мнозинството на премиерот Борис Џонсон во британскиот парламент, соопшти дека не го прифаќа договорот. Според постигнатиот договор, Северна Ирска ќе остане во царинската унија на Британија, пренесува Би-би-си. Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер прв соопшти дека е постигнат договор за излегувањето на Британија од ЕУ.

– Таму каде што постои волја, таму има и договор – го постигнавме. Тоа е фер и избалансиран договор за ЕУ и за Британија, што сведочи за нашата посветеност да се најде решение. Предлагам договорот да биде потврден и на самитот на ЕУ – порача Јункер.
Потоа се огласи и британскиот премиер, кој истакна дека станува збор за одличен нов договор.

– Двете страни работеа на текстот на договорот, но и натаму ни е неопходна потврда од парламентот на Британија, но и од парламентот на ЕУ – додаде Џонсон.
Истовремено, главниот преговарач на ЕУ за брегзит, Мишел Барние, оцени дека сега постои фер и разумна основа за уредно повлекување на Британија од Унијата, и оти се надева дека од први ноември ќе почнат работите за ново европско-британско партнерство.

– Договорот со Британија е постигнат по маратонските технички состаноци на тимовите на двете страни. Договорот на прво место обезбедува законска сигурност во сите области за граѓаните на ЕУ, кои ќе останат да живеат во Британија, како и за британските граѓани што живеат во Унијата – истакна Барние.
Тој додаде дека договорот обезбедува сигурност и на сите други поединци и компании, на кои ќе влијае брегзит. Според него, договорот го покрива и периодот на транзиција, кој, по барање од Британија, ќе трае до крајот на 2020 година, со можност за продолжување со согласност на двете страни.

Кога станува збор за прашањето за клучната точка од договорот за Британија, која се однесува на Протоколот за Република Ирска и Северна Ирска, Барние нагласи дека се работело на исклучувањето на евентуалната „цврста граница“, зачувување на економијата на целиот ирски остров, како и заштита на интегритетот на единствениот економски пазар на ЕУ.

Според постигнатиот договор, Северна Ирска ќе остане во царинската унија на Британија, но ќе биде и влезна точка во единствениот пазар на Унијата и во таа смисла ќе применува одредени правила на ЕУ. Договорот на двете страни подразбира и ревизија на Политичката декларација за идните односи помеѓу ЕУ и Британија.

– Очекуваме продолжување и изградба на пријателски, партнерски и сојузнички врски. Во економска смисла, ЕУ и Британија ќе се поврзат со Договор за слободна трговија, но нема да има создавање единствена царинска унија – истакна Барние.
Британските лабуристи соопштија дека не се задоволни од новиот договор, кого го сметаат дури и за полош од тој што го постигна бившата премиерка Тереза Меј.
– Не сме задоволни од овој договор и ќе гласаме против него – изјави лидерот на опозициските лабуристи Џереми Корбин.

Незадоволство од договорот изразија и националистите од ДУП, од кои, пак, зависи мнозинството на премиерот Џонсон во парламентот. Високи претставници на ДУП изјавиле за Би-би-си дека партијата нема да го поддржи договорот.