Полицијата ги затвори улиците во лондонската населба Кројдон, откако доби известување дека вооружен маж им се заканува на локалните жители, пренесуваат британските медиуми.

Полицајците се наоѓаат во пат-позиција со осомничениот за кој се тврди дека има пиштол, во јужен Лондон. Тие го опкружиле автомобилот во кој мажот се затворил.

– Живеам во зградата отспротива и излегов за да одам на прошетка со својот пес, кога полицијата затвори дел од улицата и ги враќаше луѓето назад. Ми кажаа да се вратам поради сопствената безбедност. Можев да видам црвен автомобил опкружен со полицајци и полициски возила. Забележав дека мажот внатре ја подотвори вратата од автомобилот, веројатно за да разговара со полицијата – вели сведок на настанот. 

На местото на настанот се испратени дополнителни полициски сили, како и возила на брзата помош и на противпожарната бригада.