Рускиот опозициски лидер, Алексеј Навални, вчера присуствуваше на онлајн судење за да поднесе жалба за неговата пресуда. Ова е негово прво појавување откако тој го почна штрајкот со глад во затворот, пренесува „Си-ен-ен“.

Навални разговараше со неговата сопруга, која беше физички присутна во судницата, и ѝ сподели детали за неговата тежина, како и за исхраната.

– Ме однесоа во бањата. Се погледнав во огледалото и сфатив дека личам на ужасен костур. Последен пат кога имав 72 килограми бев во седмо одделение – рекол Навални.

Тој штрајкуваше со глад од 31 март во знак на протест поради одбивањето на затворската управа да му дозволи да го посетуваат неговите лекари, откако почувствувал остри болки во грбот и чувство на вкочанетост на нозете.

Активистот беше затворен за кршење на условната казна во февруари. Навални издржува затворска казна од две и пол години под обвинение за стар случај на проневера, за кој тврди дека е лажен.

Навални го почна жалбениот процес во врска со оцрнувањето на ветеранот од Втората светска војна, 94-годишниот Игнат Артеменко. Навални минатиот јуни на социјалните мрежи критикуваше видео во кое истакнати личности изразија поддршка за контроверзните измени на рускиот устав. Меѓу тие личности беше и Артеменко. Донесените уставни измени му го отворија патот на рускиот претседател Владимир Путин да остане на функцијата до 2036 година.