Кинеските власти ги осудуваат западните шпекулации за потеклото на ковид-19

Во моменти кога се навестува можна меѓународна истрага во кинеските лаборатории за да се утврди потеклото на опасниот вирус, паралелно со овој процес кинеската влада го преплавува западниот информативен простор со дезинформации во обид да го контролира наративот за пандемијата 

Дали ќе има Меѓународна истрага и за коронавирусот

Кинеските власти најавија дека се отворени за меѓународна соработка за да се открие изворот на ковид-19, но истата истрага, според Пекинг, мора да биде предводена од Светската здравствена организација (СЗО) и истовремено таа да биде одделена од какво било политичко влијание. Како што пренесува германскиот медиум „Дојче веле“, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји ги осудил обидите на американски политичари за ширење на шпекулациите за потеклото на вирусот со намера да ја стигматизираат Кина.

– Кина е подготвена за соработка со меѓународната научна заедница за да се испита изворот на вирусот – изјави Ванг. Тој додаде дека истовремено е убеден дека таа треба да биде професионална, фер и конструктивна со почитување на суверенитетот на сите држави и без презумција на вина. Во меѓувреме, како што пренесува германскиот медиум, во последните неколку недели САД и Австралија повикаа на истрага за изворот на пандемијата. Американскиот претседател Доналд Трамп и шефот на дипломатијата Мајк Помпео ја обвинија Кина за недоволна транспарентност за пандемијата и повеќепати споделуваа шпекулации дека вирусот протекол од кинеска лабораторија. Повеќето научници веруваат дека вирусот потекнува од лилјак, а потоа преку друг цицач се пренел на човекот. Изворот досега се лоцира во пазарот за диви животни во кинескиот град Вухан.

Дека ситуацијата воопшто не е наивна пишува и бриселскиот магазин „Еурактив“. Како што наведува магазинот, во исто време додека Пекинг се согласува за меѓународна истрага за ковид-19, кинеската влада го преплавува европскиот информативен простор со дезинформации во обид да го контролира наративот за пандемијата и да ја пренасочи вината на друго место надвор од своите граници. Натали Вогел од Европскиот центар за вредности за безбедносна политика вели дека од избувнувањето на ковид-19 кинеската влада прави вонредни напори да го контролира информирањето за пандемијата, преплавувајќи ги социјалните медиуми со дезинформации.

– Целта на кинеската државна пропаганда е вината за избувнување да ја пренесе на странски субјекти додека таа сее раздор меѓу западните сојузници – вели Вогел.
Главната работна група во ЕУ во Европската служба за надворешни дејности (ЕЕАС), која работи за да се спротивстави на масовниот бран дезинформации, дојде до сличен заклучок. Од европската агенција соопштија дека извештајот што ќе биде објавен по меѓународната истрага за изворот на ковид-19, можно е да ја налути кинеската влада.
– Европскиот информативен простор во моментов е преплавен со кинески дезинформации. Премногу е комплицирано за некинеската публика да разбере како функционира кинеската државна пропаганда, но тоа веќе го правиме и во исто време личи на „магично оружје“ што е опасно – вели Ана Марија Брејди вработена во Европската служба за надворешни дејности.

Инаку кинескиот виролошки институт, кој беше предмет на обвинувања од САД, но и од некои земји од Европа дека е извор на вирусот, соопшти дека поседува три живи видови коронавирус од лилјак, но ниту еден не е ист со актуелниот ковид-19. Директорката на Институтот за вирологија во Вухан, Ванг Јанји, во таа насока неодамна изјави дека обвинувањата оти вирусот е произведен во лабораторија се „чиста фабрикација“. Од лабораторијата во Вухан тврдат дека првпат добиле примероци од новиот вирус на 30 декември минатата година, а до 2 јануари успеале да го откријат и геномот на вирусот.

– Како и сите други, ние немавме поим дека таков вирус постои. Како можел да протече од нашата лабораторија кога ние никогаш не сме го имале – изјави кинескиот министер за надворешни работи Ванг