Литванија, која е членка на Европската Унија (ЕУ), се соочи со наплив на претежно ирачки мигранти во изминатите неколку месеци. Таа ја обвини владата на белорускиот претседател Александар Лукашенко за поттикнување на бранот мигранти како одговор на европските санкции против неговата држава по пренасочувањето на патничкиот авион за апсење дисидентски новинар.
Литванија, во која живеат помалку од три милиони жители, нема физички бариери на нејзината граница, долга 679 километри, со Белорусија. Над 4.100 мигранти, од кои повеќето од Ирак, преминаа годинава од Белорусија во Литванија. Ако Вилнус го одобри предлогот вреден 152 милиони евра, ова ќе биде уште една ограда поставена во Европа од 2015 година, кога милиони мигранти од Блискиот Исток и од Африка пристигнаа на континентот.