Поранешниот лидер на баскиската терористичка група ЕТА, Хосу Тернера, беше уапсен во Франција, по 16 години во бегство, соопшти шпанската влада.

Тој беше баран од страна на шпанските власти уште од ноември 2002 година, откако не се појавил на суд во врска со нападот врз полициската станица во Сарагоса, во 1987 година, во кој загинаа 11 луѓе, од кои шест беа деца.

Шпанското министерство за внатрешни работи соопшти дека Тернера бил притворен во раните утрински часови во Саланчес на француските Алпи.

– Терористот живеел во близина на Сен-Жерве-ле-Бен, област позната меѓу љубителите на зимските спортови. Градот се наоѓа во близина на границите помеѓу Франција, Швајцарија и Италија – соопшти од министерството.