Нацрт-декларацијата за идните односи помеѓу Британија и ЕУ претходно беше одобрена и од британската влада, но премиерката Тереза Меј допрва треба да ги убеди пратениците во парламентот да дадат зелено светло за договорот. Меј се соочи со отворен бунт на пратеници од својата партија, како и од опозицијата, кои сметаат дека договорот е штетен за Британија

Лидерите на земјите-членки на Европската Унија го поддржаа договорот за брегзит, на вонредниот самит што се одржа во Брисел. Нацрт-декларацијата за идните односи помеѓу Британија и ЕУ претходно беше одобрена и од британската влада, но премиерката Тереза Меј допрва треба да ги убеди пратениците во парламентот да дадат зелено светло за договорот. Меј се соочи со отворен бунт на пратеници од својата партија, како и од опозицијата, кои сметаат дека договорот е штетен за Британија.

– Лидерите на 27-те членки на ЕУ ги поддржаа договорот за повлекување и политичката декларација за идните односи помеѓу ЕУ и Британија – напиша на Твитер претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

Договорот, според „Дојче веле“, содржи насоки за тоа како Британија може да остане блиску до пазарот на ЕУ по транзицијата, која ќе трае од две до четири години. Договорот исто така ги покрива финансиските прашања, правата на граѓаните и влијанието на брегзит врз Северна Ирска и дава надеж за идните безбедносни и трговски врски помеѓу Брисел и Лондон. Преговорите за документот од 585 страници траеја до последен момент, што предизвика остри критики од евроскептиците и проевропските политичари во Британија. Но Туск ги повика сите членки на ЕУ да го одобрат договорот, кој беше постигнат по тешки преговори што траеја 17 месеци.
– Условите што беа договорени со Британија ќе ги намалат ризиците и загубите откако ќе заврши брегзит – порача Туск.

Истовремено, првиот човек на Европската комисија, Жан Клод Јункер, изјави дека брегзит не е причина за радост или прослава.
– Брегзит е тажен момент, тоа е трагедија – порача Јункер по пристигнувањето на самитот во Брисел.

Холандскиот премиер Марк Руте, пак, истакна дека договорот е прифатлив, ако се земе предвид дадената ситуација.

– Севкупно, сметам дека ова е максимум што можеме да сториме сите, и Тереза Меј и нејзината влада, како и Европската Унија. Тука нема победници, никој не победува, сите губиме – додаде Руте.

И покрај тоа што лидерите на ЕУ го одобрија договорот, тој треба да добие зелено светло и од британскиот парламент, каде што многу пратеници, вклучувајќи и од редовите на Конзервативната партија на премиерката Меј, отворено се против спогодбата. Многу пратеници предупредија дека ќе гласаат против него. Дури и тие што го поддржуваат брегзит се против договорот, особено против клаузулите против повторното воспоставување цврста граница на островот Ирска, откако Северна Ирска ќе ја напушти ЕУ заедно со Британија. Евроскептиците од партијата на Меј и нивните северноирски сојузници тврдат дека договорот ќе ја задржи Британија премногу блиску до ЕУ. Но во отвореното писмо до нацијата, Меј вчера истакна дека договорот е од британски национален интерес и функционира за сите делови на Британија.

– Брегзит може да биде момент на обнова и помирување. За да го сториме тоа, мораме сега да почнеме со брегзит, со тоа што ќе го поддржиме овој договор – порача британската премиерка.