Лидерите на Г20 најразвиените економии во светот денеска се договорија за завршната изјава во која повикаа на „смислена и ефикасна“ акција со цел да се ограничи глобалното затоплување, односно да се спречи зголемувањето на температурата на Земјата за повеќе од 1,5 степени Целзиусови.

Освен ветувањата, малку земји се обврзаа на нешто конкретно, што ги разочара активистите кои се борат против климатските промени. Резултатот од неколкудневните тешки преговори е таков што останува уште многу да се договори на климатската конференција на ОН во Глазгов, каде што повеќемина лидери на Г20 ќе отпатуваат директно од Рим, посочува „Ројтерс“.

Лидерите на Г20 направија компромис да се заложат за јаглеродна неутралност до или околу средината на векот.

Во финалната изјава се вели дека „националните планови за намалување на емисиите на стакленички гасови ќе бидат подобрени по потреба“, но не се наведува никаков конкретен рок, освен 2050 година кога треба да се запрат емисиите на јаглерод диоксид, јавува „Гласот на Америка“.

Тие се договориле и да го прекинат јавното финансирање на производството на електрична енергија, кое се добива од јаглен во странство, но не поставиле цел за постепено отстранување на јагленот во земјите.

Групата 20, која ги вклучува Бразил, Кина, Индија, Германија и САД, произведува околу 80 отсто од вкупното количество на штетни гасови.

ОН претходно објавија дека ограничувањето на затоплувањето на планетата за 1,5 степени ќе спречи драстично влошување на времето и дека поплавите, бурите и сушите ќе бидат поретки. За да се постигне таа цел, потребно е до 2050 година да престане да испушта јаглерод диоксид.

Експертите на ОН предупредуваат дека дури и да се спроведат сите актуелни национални планови за борба против климатските промени, температурата ќе се зголеми за 2,7 степени – што ќе предизвикува се повеќе екстремни временски услови и катастрофи.