Една деценија откако либискиот лидер Моамер Гадафи беше убиен од бунтовници, африканската држава сѐ уште страда и се обидува да го скроти хаосот настанат по неговата смрт. Претстојните избори за голем број Либијци претставуваат надеж дека ќе се стави крај на нестабилноста и на немирите во земјата, пренесуваат светските медиуми.

Гадафи владееше со Либија 42 години, откако дојде на власт во 1969 година по пучот против тогашната монархија. Неговото владеење заврши во 2011 година, кога тој беше соборен од власт во бунтот инспириран од Арапската пролет, а поддржан од НАТО. Неговата смрт не доведе до поголема стабилност и благосостојба во земјата.
Бунтот поддржан од НАТО ја подели земјата меѓу владата која е поддржана од Обединетите нации и ривалските сили кои се лојални на генералот Халифа Хафтар на истокот.

– Новонастанатата политичка стабилност на Либија е несигурна. Следните шест месеци ќе покажат дали тивкиот период што уследи по прекинот на огнот во октомври минатата година беше само можност за вооружените фракции да ги залечат своите рани или вистински напредок кон политичко решение – изјави Хамиш Кинеар за агенцијата „Франс прес“.

Академикот Махмуд Калфала се сомнева дека изборите ќе доведат до конечно решение на кризата.

– За тоа да се случи, ќе треба да се стави крај на негативното надворешно мешање во внатрешните работи на Либија, да има зрелост кај либиските гласачи, како и сите страни да го прифатат исходот од изборите – вели Калфала.

Генералот Хафтар е презиран од многумина во западна Либија, особено по едногодишната офанзива во која неговата Либиска национална армија (ЛНА) се обиде да го заземе Триполи. Во офанзивата загинаа илјадници луѓе пред Хафтар да биде принуден да се повлече од турските вооружени сили.

Аналитичарот Ахмед ал Рашраш се надева дека претстојните избори ќе доведат до подобар живот и до политичка стабилност и безбедност. Сепак, ситуацијата остави голем број носталгичари да жалат за ерата на Гадафи, бидејќи деценискиот конфликт ја уништи инфраструктурата и економијата на Либија.

– Гадафи за многумина е симбол. Ние секогаш ќе го поддржуваме, тој ќе остане во нашите срца засекогаш – изјави Мохамед Даири, жител на градот Бани Валид.

Бани Валид, кој се смета за клучен столб и најголемо достигнување на владеењето на Гадафи, го поддржуваше Гадафи до самиот крај, а голем број борци од овој град беа убиени и во понатамошните битки кои следуваа по неговата смрт. Жителите на Бани Валид се отворени во поддршката за поранешниот лидер и носталгично говорат за неговото владеење.

– Пред револуцијата, Либијците беа господари на нивната сопствена судбина. Оттогаш, видовме само убивања, бомбардирања, киднапирања и неправда. Револуциите треба да донесат промени за подобрување. Тоа не беше револуција, туку заговор против нас – вели Мохамад Аби Харма.

За новинарот Ахмед Абухриба, Гадафи не бил диктатор, туку бранител на либиското општество, а денес голем број од неговите поддржувачи се спремни да гласаат за неговиот син Саиф ал-Ислам, кој во интервју за „Њујорк тајмс“ откри дека можеби ќе се кандидира на изборите.

– Како би можеле да ги поддржиме новите политички партии, кои не изградија ништо од 2011 година досега? Ние остануваме лојални на Гадафи и на неговиот син – вели новинарот Абухриба.