Завојуваните ривалски влади во Либија објавија во одделни соопштенија дека ќе ги прекинат сите непријателства и наскоро ќе организираат национални избори, а овој потег го поздравија и Обединетите нации.

Изјавите се потпишани од Фајез ал-Сарај, шеф на Владата за национално единство (ГНА) поддржана од ООН, со седиште во главниот град Триполи, и Агуила Салех, спикер на парламентот со седиште на истокот на земјата, поддржан од воениот моќник Калифа Хафтар.

Двете страни се во постојан конфликт од формирањето на владата на Сарај во декември 2015 година.Водечкиот претставник на ООН за Либија, Стефани Вилијамс, ги повика „сите страни да ја искористат оваа историска можност и да понесат целосна одговорност пред либискиот народ“.

Либија е во хаос откако во востанието поддржано од Запад, беше соборен и убиен долгогодишниот лидер Моамер Гадафи во 2011 година. Хафтар започна офанзива во април 2019 година за да го освои Триполи од ГНА.

По 14 месеци жесток конфликт, силите на ГНА со турска поддршка ги протераа трупите на Хафтар од поголемиот дел од западна Либија и ги потиснаа источно кон Сирт, портата кон богатите нафтени полиња во Либија и извозните терминали, пренесува АФП.