Во август, поголемиот дел од Италијанците ги напуштаат градовите и тргнуваат кон плажите, а контроверзниот политичар Матео Салвини не е исклучок. Лидерот на крајната десничарска партија Северна лига и министер за внатрешни работи на Италија е забележан како се „одмора“ од врантрешните превирања во коалициската влада во неговото омилено летно одмарлиште, на северот на Јадранската ривиера.

Фотографирањето, пиењето коктели и диџејството, според „Политико“, иако се дел од неговиот одмор, не го спречуваат да продолжи со политичките активности и контроверзните изјави. Додека е на Јадранската ривиера, тој успеа да одржи митинг и неколку прес-конференции на кои го нападна Брисел и коалиционите партнери од движењето Пет ѕвезди, да критикува репортер и да ја навреди ромската заедница, откако по објавено интервју со жена која живее во камп во Милано, кажа дека таа заслужува куршум во челото.

Од неговиот влез во владата минатата година, Салвини „вечно“ остана во предизборна кампања. Познавачите на политичките состојби во Италија велат дека тој минува повеќе време на митинзи и на телевизиски емисии отколку во неговата канцеларија, но по се изгледа дека неговата стратегија се исплатеше. Неговата партија Северна лига има поддршка од 38 процентни поени, повеќе од двојно од гласовите што ги освои на изборите во 2018 година.

Неговата летна кампања е толку успешна што италијанскиот политичар планира да своето патувачко шоу да го продолжи и на југот во Италија, со надеж дека ќе ги консолидира неговите гласачи пред можните предвремени избори, во време кога неговата коалиција се соочува со сè поголеми проблеми.

Необичното однесување на Салвини за време на неговиот таканаречен одмор придонесува за неговиот имиџ на „обичен граѓанин“, кој заедно со неговата остра реторика, го направија многу популарен кај голем дел од гласачите во Италија, констатираат од „Политико“.

Од друга страна, опозицијата ја критикуваше неговата летна кампања, велејќи дека тој не се фокусира на важните прашања, туку ужива на плажите на Јадранот.