Европските функционери предупредуваат дека погрешните факти за вакцините може да го одложат крајот на пандемијата на коронавирусот, а тоа, според нив, во овој момент преставува голем предизвик за Унијата

Еден од најголемите предизвици со кои би можела да се соочи Европската Унија (ЕУ) во наредниот период е ширењето на дезинформации и погрешните факти за вакцините што во овој момент им се достапни на државите на Стариот Континент и се користат за имунизација на населението против опасниот коронавирус. Ова меѓу другото беше истакнато и од европските претставници на последниот виртуелен состанок одржан минатата недела во Брисел, на кој Манфред Вебер, лидерот на Европската народна партија, која наедно е и најголемата политичка партија во Европскиот парламент, истакна дека недовербата кај граѓаните во однос на вакцините е главниот проблем со кој Унијата мора да се соочи во наредните неколку месеци. Тој нагласи дека секој има право да изрази загриженост, но блокот не смее воопшто да ги толерира дезинформациските кампањи за вакцините, особено не на социјалните медиуми.
– Многу е важно да се справиме со двоумењата што се присутни кај европските граѓани, затоа што кога веќе ќе се распределат поголеми количества од вакцините, луѓето ќе стекнат доверба во нив и ќе сакаат да се вакцинираат – нагласи европската комесарка за здравство Стела Кирјакидис.
Според Кирјакидис, „вакцинациските кампањи“, а не самите вакцините се тие што спасуваат животи. Како што додава комесарката, таканаречената „корона-слабост“ честопати се поврзува со недоверба кон експертските препораки, поради што борбата против дезинформациите за вакцините и погрешните факти прераснува во „поголем предизвик“ од самиот вирус.

Дали вакцините ја менуваат ДНК-структурата?

Во меѓувреме, магазинот „ЕУ обзервер“ во својата анализа за дезинформациите за вакцините наведува дека една од гласините и лажните тврдења што кружат за вакцините е дека може да ја променат ДНК-структурата на луѓето, особено откако во ЕУ беа одобрени оние на „Фајзер-Бионтек“ и на „Модерна“. Токму затоа европратеникот Питер Лисе истакна дека граѓаните мора да се едуцираат дека новата технологија на вакцини со информациска РНК, која ја користеа „Фајзер-Бионтек“ и „Модерна“, нема никакво влијание врз човечкиот генетски код.
– Инфромациската РНК е привремена информациска структура, која трае неколку часа или еден ден и им дава инструкции на клетките како да создаваат антитела, но нема никакво влијание на јадрото, ниту на гените. Вакцините се едни од најголемите изуми во современата историја на човекот – објасни Тал Закс за „ЕУ обзервер“, кој е главен медицински директор во фармацевтската компанија „Модерна.
Закс дополнително предупреди дека ако не им се објаснат овие медицински факти на луѓето, таа нема да има никаков ефект. Тој верува дека употребата на новата технологија со информациска РНК, научниците ќе можат да ја искористат во насока на пронаоѓање лек или вакцини за други болести, наедно и за ХИВ.

Вакцинациската стратегија е чудо

Паралелно со ова, бриселските медиуми исто така го пренесоа излагањето на комесарката за здравство Кирјакидис, која тврди дека европската колективна стратегија за вакцините е „историски успех за ЕУ“ и предупреди дека „поделбите само дополнително ја изложуваат на нови проблеми“.
Во исто време, потпретседателот на Европската комисија, Маргаритис Скинас, ја опиша целокупната европска стратегија за вакцините како едно „чудо“ и смета дека големите членки ќе ги добиеја најголемите количества на вакцините на сметка на помалите ако не се запазеше колективниот пристап. Инаку, Светската здравствена организација (СЗО) посочува дека вакцините годишно спречува околу три милиони смртни случаи. Сепак, во неколку европски и соседни држави, поради намалената доверба во вакцините, беа регистрирани епидемии на болести што обично се спречуваат токму со нив. Токму затоа, ЕК лани ги претстави акцискиот план за европска демократија и законот за дигитални услуги, чија цел е да ги подобрат транспарентноста и отчетноста на дигиталните платформи и да учествуваат во борбата против дезинформациите.