Доналд Трамп денес и формално ќе ја започне кампањата за негов реизбор за претседател на САД, од една од најслабите позиции на кој било актуелен претседател во модерната американска политика време, анализира британски „Гардијан“.

Трамп има намера преку својата кампања да покаже самодоверба и да се прикаже себеси како победник кога ќе излезе на бината во Орландо, Флорида, пред неговите карактеристично гласни поддржувачи, 16 месеци пред изборниот ден во ноември 2020 година.

Според претседателот на САД, постои голем интерес за настанот и побарани биле 80 илјади билети повеќе од максималниот капацитет на салата, а тој тврди дека овој почетен митиг ќе ги сруши сите рекорди. Сепак, како што пишуваат од „Гардијан“, кај Трамп има причина за паника.

– Под површината на личното препишување на заслуги, има причина за паника во светот на Трамп. Демократите имаат намера да го „саботираат“ покажувањето на сила на претседателот преку поставување на контра-митинг пред стадионот на кој ќе се одржува неговиот собир. Тука ќе говорат луѓе од сојузната држава Флорида кои тврдат дека лично биле повредени од политиките на контроверзниот лидер. Дополнително, демонстрантите подготуваат голем балон со ликот на Трамп кој ќе носи пелени и ќе личи на големо бебе – дознаваат од „Гардијан“.

Евидентни се интензивни реакции ширум САД. Започнува организација на протестни маршови за отпор, прогресивните организации влегоа во трка за мобилизација на гласачите, а донаторите мултимилионери ветуваат дека нема да штедат средства за да го победат Трамп. Дополнително, сè погласни се повиците за негов импичмент во весниците, на телевизиите и сите други американски медиуми.

Потенцијалните дуели со демократските против-кандидати покажуваат дека претседателот е во неволја, според националната анкета на универзитетот „Квинипиак“ која беше објавена минатата недела. Тие велат дека во битката против сите можни кандидати од Демократската партија, Трамп заостанува зад Џо Бајден, Берни Сандерс, Камала Харис, Елизабет Варен, Пит Батигиг и Кори Букер.

Протечени информации од внатрешното анкетирање на кампањата на Трамп исто така покажуваат дека тој заостанува зад Бајден во неколку важни сојузни држави, вклучувајќи и двоцифрен дефицит во Мичиген, Пенсилванија, Висконсин, Њу Хемпшир и Ајова.

Доналд Трамп на изборите во 2016 година и покрај лошите резултати на анкетите и неконвенционалната кампања, успеа да ја победи Хилари Клинтон во изборниот колеџ, иако доби три милиони гласови помалку од гласачите. Тој влегува во претседателската трка со економски раст од три отсто и најниско ниво на невработеност во последните 50 години.