Северна Кореја го протера американскиот државјанин кој се обиде да влезе нелегално во државата, брзо решавајќи го случајот што претставува закана за односите со САД, пренесува британски „Гардијан“. Мажот од американската сојузна држава Луизијана, кој е во шестата деценија од животот, бил депортиран во САД.

Станува збор за Лоренс Брус Бајрон, кој беше притворен откако се обидел да влезе во Северна Кореја од Кина, на 16 октомври, соопшти Информативната агенција на Северна Кореја (КЦНА). 

– Тој кажал дека влегол нелегално во државата под команда на американската Централна информативна агенција (ЦИА), во текот на неговото испрашување. Надлежните служби одлучија да го протераат – објави КЦНА.

Човек со истото име бил уапсен во Јужна Кореја кога се обидувал скришум да ја премине границата со Северна Кореја, во ноември минатата година. Бајрон им кажал на властите на Јужна Кореја оти сака да посредува во разговорите помеѓу САД и Северна Кореја.

Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, изрази благодарност за решавањето на случајот.

– САД ја ценат соработката на Северна Кореја и на амбасадата на Шведска за овозможување на пуштањето на американскиот државјанин – кажа Помпео.

Амбасадата на Шведска ги застапува американските интереси во Северна Кореја, поради отсуството на дипломатски односи помеѓу азиската држава и САД.

Познавачите на состојбите истакнуваат дека брзото решавање на случајот од страна на Северна Кореја претставува исклучок, со цел да го задржи позитивниот тек на разговорите со САД.