Хаотичен Брегзит би имал големи последици и ќе биде најголемиот краткорочен ризик за британската економија. Тоа го тврди директорката на ММФ, Кристин Лагард во говор во Лисабон пред португалскиот државен совет.

Лагард беше поканета на состанокот на тој висок консултативен орган на претседателот на Португалија на кој се разговараше за последиците од Брегзит.

Таа нагласи дека сите варијанти на Брегзит ќе предизвикаат штета за британската економија, но „најголемата пречка“ се идните односи со Европската унија.

Според неа, Брегзит без договор ќе биде „најголемиот краткорочен ризик“ за британската економија и дека и други европски држави ќе настрадаат на „различно ниво“. Лагард посебно ги издвои Ирска и Холандија кои се во блиски односи со Лондон, како и Португалија.