Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Јапонија треба да го признае рускиот суверенитет над Курилските Острови за да се забрзаат преговорите за мировниот договор меѓу двете земји.

– Првиот чекор мора да го преземе Токио, а не ние. Тоа треба да биде целосно и безусловно признавање на исходот од Втората светска војна, вклучувајќи го и суверенитетот на Русија над сите Курилски Острови, рече Лавров на руско-таџикистански словенски универзитет.

Русија очекува Токио да ја преиспита ситуацијата, „затоа што Јапонија е единствена земја во светот која не ги призна резултатите од Втората светска војна, иако се приклучи на ОН, ја ратификуваше повелбата на организацијата која ги дефинира овие резултати како конечни и никако не се предмет на ревизија“.

Рускиот претседател Владимир Путин и јапонскиот премиер Шинзо Абе договорија интензивирање на разговорите за мировниот договор на состанокот во Сингапур во ноември, а потоа најавија нов формат за преговори во кој шефовите на дипломатиите се задолжени за надгледување на работата.