Повикот на францускиот претседател Емануел Макрон дека силите од Сирија не треба да се повлекуваат дури ниту по завршувањето на војната против тероризмот, потсетува на „колонијалниот став“, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

– Слушнав неодамна дека францускиот претседател Макрон ги повикал САД да не ги повлекуваат силите од Сирија дури ни тогаш кога и последниот терорист ќе биде убиен или истеран од територијата на таа земја – рече Лавров пред новинарите во Пекинг, во коментар објавен на интернет страницата на руското Министерство за надворешни работи, пренесува Тасс.

Францускиот претседател рече дека е неопходно да се остане во Сирија, „речиси на постојана основа и да се гради нова Сирија“.

– Тоа е колонијален став – рече Лавров, при тоа додавајќи дека Русија ќе побара од Франција да ја разјасни оваа позиција.