Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров потврди дека неговата земја се спротивставува на промените во Дејтонскиот договор и каков било ангажман на меѓународната заедница во БиХ, како и на приближувањето на земјата кон НАТО.

Лавров доцна попладнево пристигна во дводневна официјална посета на Босна и Херцеговина, и веднаш по неговото пристигнување во источно Сараево, тој се состана со претседателот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, кој беше придружуван од службени лица од властите на Република Српска.

По тој состанок, Лавров им изјави на новинарите дека РС е добар и близок партнер на Русија, која исто така сака стабилност на БиХ и дека внатрешниот дијалог со кој земјата би ги решила своите проблеми, нема алтернатива.

– Нашиот заеднички став е дека Дејтон е темел на функционирањето на БиХ и дека треба да се почитува еднаквоста на трите конститутивни народи и двата ентитета – рече Лавров, додавајќи дека Русија ги повикува сите да ги почитуваат овие основни карактеристики на Дејтон, а дека сите проблеми треба да се решаваат со внатрешен политички дијалог односно без мешање во внатрешните работи на БиХ.

Тој повика на затворање на ОХР како „анахронизам што го дискредитира Западот“, тврдејќи дека на БиХ не и треба меѓународен протекторат.

– Секој обид за соборување на Дејтон може да има многу сериозни последици – рече Лавров, додавајќи дека е би било многу тешко одново да се изгради кревката рамнотежа на која се темели Дејтонската спогодба.

Лавров исто така ја искористи својата посета на БиХ за да испрати порака дека Москва ја поддржува позицијата на РС за „воена неутралност“ и го обвини НАТО за нарушување на меѓународната стабилност преку својот ангажман.