Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека е „непријатно изненаден“ од веста дека поранешен австриски полковник е обвинет за шпионажа во полза на Москва.

Еден, во меѓувреме пензиониран, полковник на австриската армија, за време на неговата активна служба 30 години шпионирал за Русија, открија австриските власти со помош на информации добиени од странска разузнавачка служба.

Австрискиот канцелар Себастијан Курц и министерот за одбрана Марио Кунасек денеска потврдија дека државното обвинителство покренало истрага, откако е добиена информација од една странска разузнавачка служба.

Курц на вонредна прес-конференција го осуди дејствувањето на Русија и порача дека такво нешто не е во ред.

Тој истакна дека рускиот претседател Владимир Путин треба лично да ја разјасни оваа работа.

– Такво нешто не се прави и тоа важи за сите нации – нагласи тој.

Курц најави дека амбасадорот на Русија ќе биде повикан на разговор во Министерството за надворешни работи, и ги негираше тврдењата дека не функционира соработката меѓу австриската и меѓународните разузнавачки служби.

– Врз основа на откривање на оваа афера може да се види дека сме одлично вмрежени – нагласи тој.

По објавувањето на веста, Русија веднаш го повика на разговор австрискиот амбасадор во Москва. Австрискиот амбасадор Јоханес Ајгенер бил повикан во руското Министерство за надворешни работи, објавија руските државни медиуми.

Руската Амбасада во Австрија одби да го коментира случајот.