Москва сака политиката на Вашингтон, во различни региони од светот, да биде појасна, посебно таму каде се совпаѓаат интересите на големите сили, но за тоа е потребен дијалог, што досега не е воспоставен на соодветно ниво, изјави денеска шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.

– Политиката на САД на меѓународна сцена ја гладаме како многу контроверзна. Ако се има на ум дека ниту еден член на администрацијата надлежен за надворешната политика не бил на функција повеќе од една година, ако не се лажам, тогаш ќе биде јасно дека смената на генерации влијае врз практичните одлуки што се носат и на начинот на кој таквите одлуки на крајот се применуваат во пракса, посочи Лавров.

Тој додаде дека Москва има сопствени идеи и верзии за акциите на Вашингтон.

– Но, секако, би сакале да добиеме јасно објаснување за целите на САД во овој или оној дел од светот, посебно таму каде интересите на многу клучни земји се совпаѓаат, на пример западните земји, Русија и Кина, а во случајот на Сирија – во земјите од Блискиот Исток, потенцира Лавров.

Рускиот министер за надворешни работи наведе дека Русија и САД можат многу да направат во искоренување на тероризмот во Сирија и постигнување на политичко решение во таа земја. Тој додаде дека Вашингтон и неговите западни сојузници не се откажале од барањето сирискиот претседател Башар ал Асад да поднесе оставка.

– Ставот на САД за Сирија создава проблеми во спроведување на одлуката за која едногласно гласавме во Советот за безбедност на Обединети нации, наведе Лавров.